Брегова разгранетост на Европскиот континент

Брегова разгранетост на Европскиот континент

Европа со големиот број полуостровизаливи, протоци, фјордови и други абразивни форми се одликува со најразгранета брегова линија меѓу континенталните маси на Земјата. Големата брегова разгранетост е резултат на двете големи средоземни мориња, и тоа: Балтичкото Море и Средоземното Море, каде што се наоѓаат поголем број издвоени мориња, заливи, острови и полуострови.
Во северните делови на Европа бреговата разгранетост ја создаваат брговите на Белото Море, кое со повеќе заливи длабоко навлегува во копното меѓу полуостровите Кола и Канин. Во Баренцовото Море се наоѓаат островите Нова Земја, Земјата на Франц Јозеф и Свалбард; разгранетиот норвешки брег има илјадници мали острови и многубројни тесни и издолжени заливи, наречени фјордови. Ваквата брегова линија продолжува кон западните делови на Европа, каде што од Северното Море преку протоците Скагерак и Категак меѓу Скандинавскиот Полуостров и полуостровот Јиланд длабоко во копното навлегува Балтичкото Море со Ботнискиот, Финскиот и Ришкиот Залив.
Бреговата разгранетост на западниот брег на Европа ја прават бреговите на полуостровот Јиланд, Нормандија, Бретања и Пиринејскиот Полуостров, како и острвите Велика Британија, Ирска и Исланд. Во овој дел особено се карактеристични Северното Море, каналот Ла Манш и Баскискиот Залив.
Јужниот брег на Европа со трите големи полуострови (Пиринејскиот, Апенинскиот и Балканскиот Полуостров) и со многубројните поголеми и помали острови, како што се Сицилија, Сардинија, Корзика, Крит, Балеарските Острови итн. - е најразгранет. Почнувајќи од Гибралтарскиот Проток , Средоземното Море се разгранува на повеќе внатрешни мориња, како што се: Лигурското, Тиренското, Јонското, Јадранското, Критското, Егејското, Мраморнот, Црното и Азовското Море.  Во наведените мориња се наоѓаат голем број заливи, од кои покарактеристични се Лионскиот, Солунскиот, Коринтскиот итн.
Меѓу морињата се наоѓаат повеќе протоци, како што се: Гибралтарскиот Проток, Сицилијанскиот Премин, Месинскиот Теснец, Отрантската Врата, Дарданели, Босфор, Керчанската Врата, Ересунд, Големиот и Малиот Белт.
Бреговите на Европа се со должина од околу 41.000км, што значи на секои 1000км2 има по 4,1км брегова линија. Со најголема разгранетост се одликуваат норвешкиот, хрватскиот и грчкиот брег.
На вака разгранетиот брег се изградени голем број пристаништа со мошне развиен бродски сообраќај, кој преку Гибралтар и Западна Европа се одвива кон Северна  и кон Јужна Америка, а преку Гибралтар и Суецкиот Канал се одвива  кон Азија и кон Австралија. Многу е значаен, условно кажано, локалниот воден сообраќај на европските пристаништа.

Comments

Popular posts from this blog

Географска положба, граници и големина-Географска положба

Прашања и задачи